Нула толеранција за урбаната мафија и ставање крај на малверзациите со градежни парцели, порача Зафировски

Доколку победам  на овие избори ќе имам нулта толеранција за урбаната мафија и конечно ќе се стави крај на малверзациите со градежни парцели.Кандидатот за градоначалник од ВМРО–ДПМНЕ за општина Карпош, Оливер Зафировски, вечерва гостуваше во „Само вистина“ на Канал 5 во дебатата со своите противкандидати од другите политички партии.

Истакна дека еден од главните проблеми но и опасност за здравјето на жителите на општина Карпош е неконтролираното градење од страна на урбаната мафија кое се случува години наназад.

„Граѓаните нас нѐ бираат за да ги заштитиме а не да направиме промени во климатските услови. За 10 години ние сите ќе бегаме од Карпош. Температурата на Карпош е зголемена за 5 степени, ова лето почувствувавме што значи да се живее на бетон. Температурите достигнаа до 40 степени и тоа директно влијае на нашето здравје. Само од аерозагадувањето во Македонија умираат над 1300 луѓе и тоа е сериозна бројка. Само од личен интерес се направи бетонизација на Карпош без воопшто хуманост и ова мора да се стави под контрола. Она што мора да се гради ќе се гради, но не вакви џиновски чудовишта“, истакна Зафировски.