
Понудата на кандидати за градоначалници од СДСМ всушност се стари истрошени кадри, реинкарнација на кадарот од криминалната транзиција, посочи во петокот Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во општина Бутел.
„На овие локални избори и понудата му се стари и истрошени кадри. Секаде клонови кои личат на него. Јас ги нарекувам мали зоранчиња. Повеќето стари градоначалници кои не направија ништо, а онаму каде смени по некој, задолжително тој е син на некој профитер од транзицијата кој совршено се вклопува во квалификацијата зоранчиња“, потенцираше Мицкоски.
„Понудата во Скопје му е реинкарнација на транзициските кадри, реинкарнација на олигархијата. Ако во деведесеттите владееше олигархијата на СДСМ, сега Заев ги става нивните деца да се борат за функции и да заработуваат на потта на работникот. Таму крадењето и пиењето на крвта од народот и заработувањето на туѓата мака станува традиција. Па така во Аеродром е синот од стеблото Филиповци кои управуваа со транзицијата во деведесеттите. Таткото, поранешен пратеник и директор на Аеродромите во Македонија, чичкото поранешен министер за економија-дел од приватизацијата, а другиот чичко еден од директорите на Охис-компанија која знаеме како заврши, рече тој.