
Промените на кожата познати како „ковид прсти“ на нозете би можеле да претставуваат нуспојава од борбата на имунолошкиот систем против коронавирусот, покажува новото истражување објавено во научното списание British Journal of Dermatology.
Во текот на болеста се појавува воспалителна промена со црвенило на рацете и нозете, при што состојбата понекогаш трае со месеци, а наликува на кожа којашто е изложена на суд. Вообичаено се развива во рок од една до четири седмици и може да се манифестира со отекување на прстите на нозете и на рацете или со промена на бојата на кожата.
Научниците кои учествувале во истражувањето проучувале 50 лица со „ковид прсти“ на нозете и 13 со слични кожни промени настанати пред пандемијата.
Откриле дека еден механизам е во заднината на двете состојби. Телото создава имунолошки одговор со високо ниво на одредени автоантитела, кои по грешка целат и реагираат не само на вирусот, туку ги напаѓаат и сопствените клетки и ткивата на заболеното лице. Откриле, исто така, преклопување со интерферонот од типот I, клучниот протеин во антивирусниот одговор на организмот.
Покрај имунолошкиот систем, во текот на студијата се добил впечаток дека клетките кои ги обложуваат крвните жили кои ги снабдуваат зафатените региони во организмот, исто така, имаат клучна улога во развојот на појавата на „ковид прстите“ и промените на кожата.
Водечкиот автор на студијата, др Чарлс Касиус, вели дека истражувањето овозможило подлабоко разбирање на ваквата кожна состојба.
„Епидемиологијата и клиничките податоци од овие промени на кожата опсежно се проучувани и објавувани, меѓутоа малку се знае за патофизиологијата на овие промени. Нашата студија дава нови сознанија“, вели др Касиус.