
Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села изјави дека опозицијата во државата е на добар пат да оствари позитивни резултати насекаде каде настапува со заеднички кандидати. Села од Охрид каде имаше работна средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека соработката со ВМРО-ДПМНЕ е добра.
За очекувањата од претстојните избори Села рече дека независно што се работи за составот на идната локална власт во општините, нивната важност произлегува оттаму што токму од резултатите на овие избори ќе произлезат услови за промени и на централно ниво.
– Од исходот на локалните избори ќе произлезат важни работи на централно ниво. Оваа наша соработка има за цел спречување на продолжениот раст на стапката на корупција. За жал стануваме најкорумпирана држава во регионот, па и во светски размери. Затоа треба да смогнеме сили да соработуваме за да ја промениме оваа власт која дојде со многу ветувања, а од друга страна, за жал, не успеја ништо да реализира од ветувањата – рече Села