
Задоволство е кога ќе ги поминете сите 650 села во државата и сите 34 градови заедно со градот Скопје и ќе видите дека насекаде се реализирани голем број проекти, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев во интервју за Сител Телевизија.
– Реализиравме над 7.000 проекти во речиси 680 населени места и задоволството кај граѓаните е многу големо и многу е логично да се очекува многу повеќе. Има уште што да работиме на локално ниво, генерално државата е средена со водоводи но треба да работиме на канализации, затоа што сме 21 век. Тоа како и изградбата на детски градинки, на училишта на паркови, на заштита на животната средина, сето ќе се приоритетите на кои ќе се посветиме во следните четири години – порача Заев.
Тој најави повеќе пари за општините од идната година за да можат да реализираат што повеќе проекти.
– Со новата фаза на децентрализацијата општините стануваат уште повлијателни и ќе бидат повеќе капацитетни да ги испорачаат очекувањата на граѓаните. Со тоа и со поддршката од централно ниво на Владата која е ориентирана про општините, дефинитивно ќе реализираме неколкукратно повеќе проекти што живот значат на локално ниво – заклучи Заев.