
Тајланд од 1 ноември ќе ги отвори границите без карантин за целосно вакцинираните посетители од најмалку 10 земји, јави денеска ДПА.
Премиерот Прајут Чан-о-ча оваа вест ја најави синоќа, во телевизиското обраќање до нацијата, јави „Бангкок пост“.
Прајут ги наведе Германија, Сингапур, САД и Кина меѓу десетте земји на листата со низок ризик за посети.
-Посетителите, пред да ги напуштат своите земји треба да направат само еден ПЦР тест за Ковид-19 и втор по пристигнувањето во Тајланд. Потоа ќе може слободно да патуваат во сите делови на земјата, рече тој.
Се очекува од 1 декември на списокот на слободни земји за доаѓање на нивни патници да бидат додадени и други држави. Дотогаш Тајланд најверојатно ќе ја укине забраната за послужување алкохол во рестораните, што е во сила со месеци наназад.
Тајландскиот туристички сектор е речиси целосно затворен повеќе од 18 месеци и предизвика комплетна загуба на приходи за многу луѓе.