Научниците открија уште една неочекувана последица од Covid-19

Истражувањето спроведено од тим германски научници покажува дека коронавирусот SARS-CoV-2 продира во очите и ги инфицира фоторецепторите и ганглионските клетки на мрежницата, се наведува во статијата објавена на серверот за предобјавување bioRxiv.org.

Авторите на студијата истакнуваат дека тоа може да биде една од причините зошто некои пациенти со постковиден синдром се жалат на проблеми со очите.

Истражувачите ги изложиле зрелите органели на мрежницата на дејство на SARS-CoV-2, а потоа со текот на времето ја следеле активноста на вирусот и брзината на неговите репликации. Резултатите покажале дека коронавирусот навистина ги заразил клетките на ретината, што било потврдено со PCR тест, а имунофлуоресценцијата го регистрирала присуството на нуклеокапсидните протеини на SARS-CoV-2 во органелите на ретината.

Деталната анализа открила вирусни плаки во фоторецепторите и ганглиските клетки на мрежницата, што според авторите укажува на местата на размножување на вирусот. Покрај тоа, било откриено дека SARS-CoV-2 ја зголемува експресијата на неколку воспалителни гени, вклучително и цитокинот интерлеукин 33 (IL33), кој е поврзан со воспаление на мрежницата и деградацијата на фоторецепторите. Научниците веруваат дека зголемената експресија на цитокони е последица на имунолошкиот одговор на организмот на коронавирусот.

Авторите, исто така, откриле дека антителата коишто го блокираат конвертирачкиот ангиотензин 2 (ACE2), рецепторот преку кој вирусот навлегува во клетките, ја намалуваат инфекцијата во клетките на мрежницата. Тоа значи дека за превенција и третман на оваа компликација на окото не се потребни посебни средства, туку соодветни се истите антивирусни лекови или вакцини насочени кон блокирање на рецепторот ACE2.

Кога истражувачите ги инјектирале антителата против ACE2 во заразените ткива на ретината, количеството нуклеокапсидни протеини на SARS-CoV-2 во клетките било значително намалено.

Врз основа на резултатите од истражувањето, авторите заклучуваат дека заразата со SARS-CoV-2 во очите и репликацијата на вирусот во клетките на ретината зависат од рецепторите ACE2, а лековите насочени кон нив може да бидат ефикасни во лекувањето на пациентите со Covid-19 кои имаат симптоми на инфекција на очната мрежница.