Таравари за само 39 гласа не победи во првиот круг, а во овие општини ќе има втор круг

Иако во текот на ноќта, актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари славеше победа над неговиот лут ривал Невзат Бејта од ДУИ, уште во првиот круг, сепак утринава пристигна „студен туш“ од ДИК, дека му недостасувале само 39 гласови, па поради тоа во оваа општина ќе има избори и на 31 декември.

Но валидни се само оние резултати што ги соопштува Државната изборна комисија – а според нив, Арбен Таравари освоил 49,88 отсто од гласовите (15.724), додека неговиот лут ривал, Невзат Бејта од ДУИ  41,84 отсто (13.190). Излезноста во Гостивар беше многу мала – 38,88 проценти, а во бројки тоа значи 31.524 лица што излегле да гласаат, па за победа на Таравари му биле потребни 15.762 гласа.

Државната изборна комисија (ДИК) веќе ги преброи гласовите и резултатите покажуваат дека во поголемите населени места има тесна разлика меѓу најголемите политички партии и победникот ќе биде познат по вториот круг кој ќе се одржи на 31 октомври.

Од досега преброените 99,88 проценти битката за Куманово во вториот круг ќе ја водат актуелниот градоначалник Максим Димитриевски (има 32,82 отсто од гласовите), а негов против кандидат ќе биде Оливер Илиевски од СДСМ кој освои 32,71 отсто од гласовите.

ДИК соопшти дека во Тетово се изброени сите гласачки ливичиња, а според нив актуелната градоначалничка Теута Арифи освоила 29,04 отсто од гласовите, додека кандидатот на БЕСА Биљал Касами ја доби довербата од 27,37 отсто од гласачите.

Врз основа на преброени 100 отсто од гласовите во Битола, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски освоил 42,83 отсто од гласовите, додека Христо Кондовски од СДСМ обезбедил 39,23 отсто во првиот круг. Во оваа општина над 7 отсто освои и Горан Милевски, актуелен министер за локална самоуправа во Владата на РСМ.

Вчера Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ објави победа во општина Охрид, сепак според информациите од ДИК врз основа на 100 отсто од преброените гласови Пецаков е во водство со 48,54 отсто од гласовите, наспроти актуелниот градоначалник од СДСМ, Константин Георгиески кој освоил 42,05 отсто од гласовите. Сепак за новиот татко на македонскиот бисер ќе треба да почекаме до вториот круг.

Идентично на Охрид, и во Струга ќе има втор круг, каде ќе се натпреваруваат Рамис Мерко од ДУИ (прв круг 40,50 отсто) и Идрис Истрефи од Алијанса на Албанците и Алтернатива (прв круг 34,82 отсто). Во оваа општина големо влијание ќе има СДСМ, бидејќи нивниот кандидат Димче Шипинкаровски во првиот круг освои 16,09 од гласовите на стружани.

Втор круг на избори ќе има и во Кичево, каде врз основа на сите преброени гласови од ДИК води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јовановски (38,42 отсто) пред кандидатот на ДУИ Фатмир Дехари (37,3 отсто).

Меѓу поголемите градови, втор круг на 31 октомври ќе има и во Кочани, каде актуелниот градоначалник на СДСМ Николчо Илијев во првиот круг освои 48,16 отсто од гласовите.

И во Гевгелија, на 31 октомври изборната битка ќе ја водат Андон Сарамандов од ВМРО-ДПМНЕ (има 47,11 отсто од гласовите) со актуелниот градоначалник од СДСМ Сашо Поцков (има 34,69 отсто од гласовите).

Конечно, во Град Скопје врз основа на пребројани 90,50 од гласовите на ДИК, Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ е во водство со 37,21 отсто од гласовите, наспроти актуелниот градоначалник од СДСМ Петре Шилегов, кој освоил 34,81 отсто од граѓаните кои излегоа на гласање.

Втор круг, според податоците од апликацијата на ДИК, ќе има во овие општини:

Лозово, Бутел, Росоман, Боговиње, Арачиново, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Маврово, Ростуша, Македонска Каменица, Шуто Оризари, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Студеничани, Старо Нагоричане, Теарце, Чашка, Чешиново-Облешево и Чучер Сандево.