И додека се чека Владата во вторник да го добие и да одлучува по предлогот на министерот за економија за прогласување на кризна енергетска состојба во државава – ЕСМ според најавите денеска треба да соопшти од каде и по која цена ќе се набави јаглен, откако на јавниот повик за увоз, кој заврши пред неколку дена се пријавиле 9 фирми.
Очекувањата се првите количини да пристигнат следниот месец. Јагленот ќе се носи со камиони, и тоа според дневните потреби. На овој јавен повик ЕСМ бараше 900 илјади тони јаглен за потребите на третиот блок во РЕК Битола. Струја која треба да ги задоволи потребите на стопанството и институциите.
„Понуди доставиле домашни фирми кои нудат јаглен од два домашни рудници, потоа од фирми од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција. Што се однесува до јагленот за ТЕЦ Осломеј од првиот јавен повик на ЕСМ, очекувања се во понедлник да се официјализира изборот на понудувачот на 300 илјади тони јаглен и да потпише договор, по што веднаш ќе започне испораката“, велат од ЕСМ.
Надлежните спасот од енергетската криза го гледаат во активирање на домашните капацитети. Во меѓувреме во функција е ставен и Маврово, а се планира активирање и на ТЕЦ Неготино. Сепак додека се обезбедат потребните количини енергенси за да се зголеми домашното производство, МЕПСО влече струја од меѓународните мрежи и трупа милионски долгови.
Од опозицијата со реакција, поради лоши политики земјата ќе остане без струја.
„Директорот на МЕПСО призна дека владата крадела струја од европскиот систем, и за тоа ќе плати 15 милиони евра за еден месец. РЕК Битола е оставена без јаглен, ТЕЦ Неготино е без мазут, а не знаеме ниту кога ниту како би почнало со работа. Хидро акумулациите се празни“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска треба да завршат и анализите кои се прават за да се утврди колку пари ќе бидат потребни за да се трансферираат до енергетските компании, откако ресорниот министер најави дека кризната состојба не придвидува рестикции, туку таа ќе со цел финансиски да им се помогне на компаниите.