
Францускиот амбасадор во Македонија Сирил Бомгартнер и германската амбасадорка Анке Холштајн, утрово на прес – конференција во Битола, не одговорија на новинарски прашања врзани за актуелната општествено политичка состојба во земјава.
Според нив, фокус тема за престојот во Битола е одбележување на годишнината од примирјето на Франција и Германија, по крајот на Првата светска војна.
Не сакам да навлегувам во генерални коментари за состојбата во земјава и посебно за политичката состојба. Денеска во Битола го одбележуваме помирувањето и зближувањето меѓу Франција и Германија – одговори францускиот амбасадор Бомгартнер.
На средбата со новинарите, германската амбадорка Холштајн на идентично прашање посочи дека денешниот ден го посветува на денот на примирјето и сеќавањето, насочени кон подобра иднина.
Францускиот и германскиот амбасадор утрово имаа прием кај новоизбраниот градоначалник на Битола Тони Коњановски.