
Тело на млад Сириец е пронајдено на територијата на Полска во близина на границата со Белорусија, соопшти во саботата полската полиција што е најмалку петти ваков случај откако пред речиси два месеца се зголеми приливот на мигранти од Блискиот исток преку заедничката граница за што Варшава го обвинува Минск за намерно оркестрирање на кризата.
Мноштво мигранти од земјите на Блискиот исток а најмногу Курди од Ирак, чија бројка се проценува на околу три илјади, импровизирано кампуваат по многу ниски температури во шумите меѓу Белорусија и земјите членки на ЕУ и НАТО, Полска, Литванија и Латвија, кои не им дозволуваат минување на нивната територија и одбиваат хуманитарно да ги згрижат.
Бројката починати засега официјално не се прецизира, но активистите за човекови права веќе подолго време ги критикуваат властите на споменатите земји за нехумано и примена на сила врз мигрантите. Дури имаше информации и за напади врз мигрантите и за случаи на пукања во пограничните региони. Се стравува и за здравјето и судбината на луѓето со приближувањето на зимските услови.
„Вчера во шумите недалеку од границата под Вулка Тереховска беше пронајден труп на млад маж од сириска националност. Активностите преземени на местото на наоѓањето на телото не овозможија јасно да се утврди причината за смртта“, истакнаа во саботата од полската полиција.
Полската погранична полиција обвини и дека во текот на ноќта кон саботата наводно белоруски војници скинале дел од привремената ограда која ја подигна Полска за да го спречи влезот на мигрантите на нејзината територија.