
Оваа селекција нема еден лидер, туку има повеќе лидери и моја интенција е да се чувствуваат така на теренот, како лидери рече на прес-конференцијата по победата над Исланд, селекторот Благоја Милевски кој се заблагодари и на неговиот претходник Игор Ангеловски.
„Благодарност до сите, до претходникот кој го почна овој циклус, па до сите фудбалери кои беа дел од овие квалификации. Честитки до момците за сѐ што покажаа во овие мечеви во целиот циклус и тие покажаа и пружија многу повеќе од тоа јас што го очекував откако седнав на клупата, зашто немавме многу време за подготовки“, вели Милевски.
„За денешниот меч бевме подготвени на секое сценарио. Со исклучок на некои мали падови мислам дека одигравме одлично. Исланд е сериозна селекција и бевме свесни дека во текот на целиот меч треба да бидеме фокусирани. И кога го примивме голот не се сомневав дека ќе победиме. Работевме на тој психолошки план за да не ни се случи реприза од Рејкјавик, такви моменти веќе нема да ни се случуваат. Сѐ уште не сме стигнати до нивото кое го посакувам. Имаме потенцијал за уште повеќе од ова. Од меч во меч се гледа дека функционираме како тим“, заклучи Милевски.