Пратениците ќе расправаат за буџетот

Во Собранието денеска треба да почне расправата по Предлог-буџетот за 2022 година. Според објавата на веб страницата на Собранието, Предлог-буџетот е ставен на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет закажана во 11 часот, а потоа треба да биде разгледан и на Законодавно-правната комисија.

Подготовката и донесувањето на буџетот е пропишано со закон и во него се наведени прецизни рокови според кои треба да се постапи. Согласно тие рокови, буџетот од страна на Собранието треба да се донесе најдоцна до крајот на годината.

 

Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 проценти повисоки од 2021, а кај расходите има зголемување за 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но тие се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека е важно буџетот да биде донесен навреме.

– Значајно е да подвлечам дека преку Буџетот се обезбедува и навремена исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, субвенции, се обезбедува реализација на капитални инвестиции, коишто за 2022 година се планирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки од буџетскиот дефицит. На тој начин се почитува златното правило во јавните финансии, односно планирани се повеќе средства за финансирање на инвестициските проекти, од предвиденото задолжување, рече Бесими.