
Членот на Дражвната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, се очекува да го наследи Зоран Заев на чело на СДСМ и на чело на владата во земјава, по повлекувањето на Заев, дознава албанскиот портал IN7.tv од високи извори во социјалдемократите.
Неговото име се наметна како најдобро решение за обединување на сите струи во оваа партија, особено на поддржувачите на поранешниот премиер и претседател, Бранко Црвенковски. Тој јавно ги искажа своите ставови против политиката на Заев, особено во однос на меѓународните односи, но особено имаше забелешки за односот на Заев кон партиските структури и активисти, пишува порталот.
Борис Кондарко беше пратеник на СДСМ во два мандати, од 2002 до 2008 година. Од 2011 до 2013 година беше претседател на ДИК, а неодамна член на оваа комисија. Има долгогодишно искуство и во политиката и во адвокатурата. Иако сегашната позиција во ДИК не му дозволува да биде член на партија, сепак се препознаваат неговите „про-СДСМ“ ставови. Неговите врски со оваа партија се длабоки и неизбежни.
Новиот лидер на СДСМ се очекува да биде избран на почетокот на следната година, додека името на Борис Кондарко се чува во тајност во партиските структури. Се дознава дека најголем поддржувач на Кондарко е поранешната претседателка на оваа партија Радмила Шекеринска, која е позната и како близок соработник на Црвенковски. Зад Кондарко стои скопското крило на СДСМ, а Спасовски, чија позиција флуктуираше по последните избори, го поддржува Кондарко, но како привремено решение на чело на партијата.