Мицкоски: ЕУ да се одважи и да даде датум за почетокот на преговорите во декември без нови отстапки

Европската унија треба да се одважи и да даде датум за почеток на преговорите за полноправно членство за Македонија и да не ја уценува државата со дополнителни отстапки, изјави во средата  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Кисела Вода и додаде дека во спорот со Бугарија е прифатливо секое решение кое е во рамки на Резолуцијата која беше донесена во македонското Собрание.

„Секое решение кое е во рамките на Резолуцијата која е поддржана од политичките партии во македонскиот парламент, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. Иако во минатото не убедуваа дека немаме отворени прашања со соседите, но како и во други случаи тие лажат, така е и овојпат. Се обидуваат повторно со политички маневри да ја замајуваат јавноста“, истакна Мицкоски.

Нагласи дека час поскоро Македонија треба да добие датум за преговори со ЕУ и тоа треба да се случи на претстојниот декемвриски самит на ЕУ и оти не се потребни писма од европските политичари, туку треба да се следат европските елементарни цивилизациски вредности.

„Овој народ многу патеше во минатото застанал на тие европски цивилизациски вредности, овојпат треба Европа да му возврати на народот на Македонија и да не нѐ уценува со дополнителни отстапки. Тоа нема да го прифати ВМРО-ДПМНЕ. Треба веднаш да се даде зелено светло, Македонија да започне преговори со ЕУ. Европа треба да се одважи да му даде признание на овој народ и да ни даде датум за преговори“, порача Мицкоски.