
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари смета дека доколку дојде Алтернатива да прифати да влезе во новиот состав на Владата, таа нема да трае долго а според него Македонија на 14-ти декември нема да добие датум за почеток на преговорите за влез во Европската унија, бидејќи, како што рече, информации кои ги добиваат од Брисел е дека датум ќе добиеме во 2023 година.
Таравари по средбата со амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која одговараше на новинарски прашања за актуелните збидунувања во земјава. Прашан за очекувањата од најавената средба меѓу Африм Гаши и Зоран Заев, тој коментираше дека ќе ја почитуваат одлуката на Алтернатива, напоменувајќи дека на претходните избори како коалиција добиле 82 илјади гласови за, како што рече, „анти ДУИ“ политиките.
„Пред година ипол излеговме со г-дин Гаши на парламентарни избори и добивме гласови од граѓаните против политиките на ДУИ. Договорот беше потпишан за четири години и секако не мора да се придржуваат до тоа. Како ќе одлучат, така. Ние ќе ја почитуваме нивната одлука. Доколку влезат во влада, таа влада нема да биде одржлива, бидејќи има нестабилност во СДСМ. Таму владеат фракции и има многу неисполнети ветувања кон коалициските партнери. Сметам, дека наредната 2022-ра година ќе биде изборна“, рече Таравари.
За делувањето на партијата Алијансата за Албанците рече дека ќе останат во опозиција и веќе прават подготовки за Конгресот што го планираат за напролет. На тој конгрес приоритет ќе биде реорганизација и ребрендирање на партијата со кои ќе настапат на претстојните избори.