
Шпионски софтвер на израелската компанија „NSO Group“ бил користен од наводно непознато лице за хакирање на телефоните на најмалку девет вработени во американскиот Стејт департмент, пренесуваат во саботата израелските медиуми.
Доколку тоа се потврди, тоа ќе биде првпат технологијата на таа компанија, која беше жестоко критикувана, да се користи против американски официјални лица.
Цел на хакирањето биле вработени во Стејт департментот кои работеле во Уганда или експерти за таа источноафриканска земја и сите користеле мобилни телефони iPhone.
Израелските медиуми потсетуваат дека американскиот технолошки гигант „Apple“ минатата седмица соопшти дека ја тужи „NSO Group“ затоа што нејзини цели биле корисниците на неговите производи и побара компанијата да одговара поради скандалот со софтверот Пегаз.
Тужбата на Епл претставува нов проблем за израелската компанија по извештаите дека десетици илјади активисти, новинари и политичари се на листата на потенцијални цели на софтверот „Pegasus“.