
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња Едсон Арантес до Насименто (81), попознат како Пеле, повторно е хоспитализиран во болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло.
Трикратниот светски шампион е хоспитализиран на лекување од тумор на дебелото црево, соопштила денеска болницата, додавајќи дека тој е во стабилна состојба и треба да биде пуштен во следните неколку дена.
Пеле во средината на октомври беше опериран на тумор на дебелото црево, а потоа беше подложен на хемотерапија.
Легендата на бразилскиот фудбал минатиот месец на Твитер објави дека е добар и дека се чувствува подобро.
Тој е единствениот играч во историјата кој освоил три Светски првенства (1958, 1962, 1970), а за „О Реи“ (Кралот) има постигнато повеќе од 1.000 голови во својата кариера пред да се повлече во 1977 година.