Бајден објави над 1.500 документи за убиството на Кенеди

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден објави над 1.500 тајни документи за кои некои историчари и теоретичари на заговор веруваат дека би можеле да фрлат нова светлина врз атентатот на Џон Кенеди во 1963 година, јави Си-Ен-Ен. Планот е до крајот на идната година да се објави сè, а веќе се објавени 94 отсто од списите од Националниот архив, велат од Белата куќа.

Долгогодишните истражувачи на овој историски настан велат дека во објавените документи најверојатно не се вклучени оние кои би можеле да понудат некои нови клучни докази и да ги променат фактите што јавноста ги знае за овој настан, како и околностите пред и по атентатот.

Но, тоа што се објавени над 1.500 документи не значи дека сите се објавени. Голем број документи сè уште се недостапни и делумно цензурирани, така што вечната дебата меѓу федералните власти и луѓето кои го истражуваат атентатот на Кенеди ќе продолжи.

Во октомври годинава, Бајден го одложи објавувањето на документите со цел да ги заштити и оддели документите кои се важни за САД. Тој тогаш постави два рока за објавување, денешниот датум и 15 декември следната година. Тогаш ќе бидат објавени новите документи.

Портпаролот за Си-Ен-Ен изјави дека Бајден „исто така му наредил на Националниот архив да развие план за дигитализирање на целосната колекција – повеќе од 300.000 записи – за да се демократизираат записите и да ѝ се дозволи на јавноста да ги прегледува онлајн“.