
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во интервју во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, истакна дека во следниот период следуваат и промени во структурата на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека е можно проширување во делот на менаџментот на партијата, како и во Извршниот комитет.
„Ќе поканиме општествено активни ликови, секако до нив е дали ќе ни се придружат. И мислам дека тоа би било една фина комбинација која што може да понуди би рекол, алтернатива и со која што би излегле пред граѓаните да ја бараме довербата. Од понеделник ќе седнам, сега за сега не сум правел детални анализи и профили, но тука не би требало да има некои позначајни изненадувања. Јас зборувам за составот на ИК и луѓето кои што ќе работата. Можеби ќе има и проширување во делот на врвниот менаџмент на партијата. Можеби ќе има проширувања во делот на ИК на партијата. Така што еве да не преудицираме да оставиме на времето“, рече Мицкоски.
Зборувајќи пак за новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, Мицкоски рече дека тој е „кукла која Заев ќе може да ја манипулира“.
„Ковачевски е човек без политички легитимитет, без изборен легитимитет, ќе треба да наметне свој авторитет, ќе треба да направи одредени реформи, ќе треба да воведе една дисциплина, но тоа е се „ќе треба“. Математиката на Заев е дека Ковачевски ќе биде една кукла којашто ќе може да ја манипулира и контролира“, додаде Мицкоски.