
Бројот на загинатите во најсилниот тајфун кој годинава ги погоди Филипини се зголеми на 99, објавија властите во неделата додека сѐ уште траат операциите за помош на погоденото население.
Повеќе од 480.000 луѓе се евакуирани поради тајфунот Раи кој уништил домови, оштетил згради и ги прекинал комуникациите и снабдувањето со електрична енергија во централните и јужните провинции на островската азиска земја.
Најмалку 63 луѓе загинале во централната покраина Бохол, каде трае потрагата по уште десет лица, објавија тамошните власти, кои апелираат за донации на електрични генератори за да може да се овозможи работата на станиците за полнење вода.
Во покраината Динагат загинале 10 лица, а тамошните власти велат дека регионот „преживеал но дека насекаде има уништувања“. Уште 16 лица загинале во провинцијата Цеби, 10 во Илоил, Гуимарас, во источен и западен Негрос и во Букиднон.
Силата на тајфунот се споредува со онаа на супертајфунот Хаијан, најсилниот во историјата кој ги погодил Филипини и кој во 2013 година однесе 6.300 животи. Раи во саботата мина преку територијата на Филипини и се движи кон централен Виетнам и кон кинескиот остров Хаинан.