Празници се ближат

Да празници се ближат, не знам за вас ама за мене ова се можда најубавите денови, празници, забави, честитки (само кога ќе се сетам на моите детски денови во бишвата ни Југа, кога едвај имаше да се купат скромни но живописни честитки, па сабајлешки ќе се потепавме да ставиме по некоја честитка под клупата на нашиот другар и другарка, или некоја детска симпатија). Скромноста беше доблест во тоа време, забавите во школските училнице последниот ден од годината ги испраќавме со некој подарок од дома земен, со мала закуска и една пијачка, музика која дречи од касетофонот, ама бевме најрадосни и весели и едвај чекавме да заминат празниците и пак да се вратиме во училниците постари и попаметни за една календарска година.

Со текот на времето, како изминуваа годините, така старееш и ти самиот, навиките се променуваа, забавите се зголемуваа, финасиски си побезбеден па се одлучуваш на испраќај на годината  во некој ресторан, диско клуб или за оние поавантуристички расположените прослава на Новата година во некој блиска или далечна дестинација. Со појавата на пандемијата, веќе втора година по ред испраќајот на старата и дочекот на новата година едноставно се заборави. Втора година по ред нема насмевка на лицето кај луѓето,  на телевизиските анкети на прашањето како ќе ја дочеката „новата“, гледам само скиселен израз на лица, некоја шега од типот во „Малта“ се мисли на малата соба, или едноставно во круг на фамилијата (овој опис ми бил секогаш најдраг).

Градот е се уште неукрасен, барем додека ја пушувам колумнава (иако имаше најави за бесплатно украсување од страна на оној што во изминативе години истиот и само тој и никој друг го красеше, па и пред заминување на стариот градоначалник повторно беше избран „тој истиот“ за скромни 244.000 евра), така да целата атмосфера наликува на целата ситуација и во нашата мила државичка. Само да не ни се повтори ситуацијата со енормната зголемена бројка на заразени лица како летото со кој по ред беше четврти бран, како што сега повторно не плашат со новиот сој Омикрон, аман до кога ли само!

И како што е ред, со испраќајот на старата година (лично едвак чекам, можда една од најтешките години за мене и на професионален и на личен план) од секој аспект, па и од аспект на туризмот и угостителството се прават ретроспективи што ја одбележа оваа, ајде веќе така да кажеме стара 2021 година. Во текот на изминативе мои колумни, колку беа на број мислам 15та по ред (да не кукам многу еве конечно се оствари мојот план да пишувам колумни и така да ја збогатувам јавноста со информации и податоци, колку и да сум им и да не сум им мил) пишував, давав анализи и совети, укорував, се плашев, за многу работи бев во право, за некои не бев ама бев многу блиску до веројатноста и сето тоа го преточував во овие мои текстови кои ги дистрибуирав преку мојот верен медиум за кој пишувам „Нетпрес“ (им благодарам многу и им посакувам понатамошен успех заеднички) и разните канали на социјални мрежи.

Следејќи го теркот и принципот на научната методологија, последниот процес е контрола и анализа на истражувањето, процесот на работа на сето она што во теков на годината го пишував. И така дојдов до следново сознание.

За жал бев во право за екот на пандемијата и грешките во неговото сузбивање и влијание врз туризмот, останаа не искористени оние 50.000 бесплатни тестови, читај ги излажаа агенциите (види колумна „Туризмот на респиратори“), протоколите од таканареченото „safe stamp“ кои многу држави ги донесоа далеку пред нас уште изминатата година, кај нас останаа протоколи само на хартија (колумна „Оптимизмот во туризмот, лето божјо 2021“), остана да лежи само на хартија и фамозниот Комитет за туризам, кој воопшто не профункционира оваа година, бога знае дали и идната како и Националната стратегија за туризам, остана да лежи во главите на некои си „експерти“ (колумна „Реформи во туризмот и угостителствот“). Стандардите во угостителството и измените на Законот за угостелска дејност и Законот за туристичка дејност и покрај најавата повеќе од една година за нивна измена и дополна останаа само на еден куп предлози и прозивки од коморите и стопанството (колумна „Стандардите во угостителството“). А да единствено се даде К-15 за оваа година на административците но и тој К-15 се даде на крајот од годината и не се искористи за летните одмори, ама затоа се даваа повторно ваучери за социјални случаи (колумна „Радничка одмара се Класа“). Бев во право за намалувањето на бројот на транзитните туристи по нашите патишта, но и за зголемувањето на патарините (колумна „Каде на одмор“), но еве ќе си признаам за малку утнав во предикциите за статистичките потадоци остварени врз база на туризмот, и тоа сепак ме радува што одат во позитивна смисла ( колумна „Да се преброиме, можеме ли!“). Затоа сите наши соседи бележеа и оваа година плодна сезона со уште поголеми бројки од „големата“ 2019 година, а ние се фалевме со нагорен терк споредено со 2020 година замислете (колумна „Последиците од рекордната сезона на туризмот на Балканот!“). Затоа победи опозицијата и ја превзема севкупната власт на локално ниво и градот Скопје (колумна „Време на промени, проекти и победи“). И на крајот бев тотално во право дека во моето Маврово ќе доживееме експанзија на дивоградби и енормни цени на плацеви, со смешна одлука на Државната Комисија за урбанизам, каде 87 куќи на брегот на мавровското езеро и сите други „урбани зданија“ можат да се градат, а дека криви за тоа се инспекторите и самите жители што го продаваат земјиштето (колумна „Беше еднаш на дивиот запад во Македонија, Маврово!“), која беше моја најчитана колумна, па можам да заклучам дека очигледно ќе треба да трачарам со таканаречени „жолти“ колумни, наместо да пишувам научни и методолошки текстови.

На крај сумарно ако може генерално да согледам, бев во право (а не би сакал искрено да е така) во скоро сите мои теми кои ги имав избрано за пишувањето на колумните. Можеби ништо нема да ви значи тоа, ама човекот е жив и потсетува дека постои се додека работи, твори, пишува, создава, составува, анализира, критикува или дава позитивни коментари. Затоа е „хомо сапиенс“ затоа се разликува од останатиот жив свет.

На крајот од оваа година и моето збогување со вас до идната 2022 година, ви посакувам да сте живи и здрави, да се сочувате со своите фамилиии пред се, сакајте се, чувајте се, милувајте се, сочувајте ја оваа наша трошна мила земјичка и повторно да се читаме и видиме во, се надевам многу подобрата 2022 година. Поминете си лудо и весело, колку што можете во текот на сите новогодишни празници и запазувајте ги протоколите, какви се, такви се, наши се.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес