Вишото јавно обвинителство барало да се одбие гаранцијата на Мијалков

Гаранцијата од над 11 милиони евра се состои и во недвижен и во подвижен имот, а ексшефот на УБК треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега Вишото јавно обвинителство Скопје дало негативно мислење за жалбата на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, против одлуката за притвор и понудената гаранција односно барало тој да остане во притвор.

„Вишото јавно обвинителство Скопје достави предлог да се одбие понудената жалба на обвинетиот“, велат од Јавното обвинителство за „360 степени“.

Сепак, советот во скопска Апелација одлучи жалбата да се прифати и го преиначи решението за притвор. Притоа дека нема да избега прифати гаранција до 11 106 501 евро и му одреди мерки на претпазливост – одземање и забрана за издавање на пасош и обврска да се јавува во судот.

Гаранцијата од над 11 милиони евра, според нашите информации, се состои и во недвижен и во подвижен имот, а ексшефот на УБК треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.

Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде што е неправосилно осуден на 8 години затвор и притворот го издржува во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Оттаму велат дека сè уште не го добиле решението од Апелација, а откако ќе пристигне кај нив, ќе биде и спроведено.

Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет-Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда.