Досега 222.333 ковид-дијагностицирани, за празниците нема да има нови мерки

Во Македонија досега се регистрирани вкупно 222.333 ковид-дијагностицирани лица. Новата варијанта омикрон забрзано се шири како во светот, така и во соседството, иако кај нас уште не е регистриран ниту еден случај.

Според надлежните, вакцинацијата останува единствен излез од пандемијата, а за време на празниците не најавуваат нови дополнителни мерки.

Според извештајот на Министерството за здравство, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 269 случаи на Covid-19, од направени 3.449 тестирања. Починаа 15 починати, а евидентирани се 353 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.562.088 тестирања на коронавирусот. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 222.333. Бројот на оздравени пациенти е 209.291, на починати е 7.868. Вкупно има 5.174 активни случаи.

 

 

Што се однесува до Македонија, нови дополнителни рестриктивни мерки за време на новогодишните празници, не се најавуваат.

Неодамна министерот за здравство Венко Филипче изјави дека нема да има нови мерки, а исто така и дел од ковид центрите се затвораат, и целата интерна клиника се враќа во нормала.

Според Филипче, сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни со оглед на тоа, што, како што рече, такви собири на јавни места има насекаде и пред Нова година.

Министерот смета дека кулминација ќе се достигне за време на новогодишните празници и потоа сето тоа ќе спласне.

Според Филипче, не може да се предвиди дали некоја варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација, но како што рече, акцент е ставен на вакцинацијата, оти според податоците од студиите, третата доза ја зголемува ефикасноста против најновиот сој омикрон.

Во однос на вакцинираните, министерот смета дека процентот е висок, но и дека интересот е спласнат.