
Социјалдемократите утре одржуваат Централен одбор на кој се очекува да биде предложено ново партиско раководство и да биде промовиран Советот за креирање и имплементација на политики.
Со Советот, според неофицијалните информации би раководел поранешниот пратеник на СДСМ, Игор Ивановски Шема. Поранешниот висок функционер на партијата е универзитетски професор на скопскиот Економски факултет со неколку мандати како пратеник. Тој беше дел и од претседателскиот кабинет на Бранко Црвенковски.
Со партиски ангажман во СДСМ се враќа и поранешниот пратеник и градоначалник на Општина Карпош, Андреј Петров.
„Да, разговаравме со претседателот Ковачевски, но не зборувавме за тоа на која позиција ќе бидам поставен. И јас ги читам написите, но ајде да почекаме до утре, оставам на Ковачевски и на органите и телата на партијата да го утврдат тоа – изјавил Петров за Нова ТВ.