
Пациентот кој во неделата вечерта ќе ја кренеше Клиниката за пулмологија во воздух е 33-годишник од Тетово, кој бил на кислородна поддршка како терапија за хронична болест, дознава „Телма“.
На оваа клиника, инаку, нема пациенти со Covid-19.
Како што синоќа информираше Министерството за здравство, пациент сместен во соба за кислородна поддршка на Клиниката за пулмологија во Скопје ја извадил маската преку која примал кислород и запалил цигара, при што дошло до пожар поради проток на кислород во собата и тој се здобил со помали изгореници на лицето и градите.
Во соопштението се посочува дека дежурниот медицински пероснал брзо реагирал и дотокот на кислород навреме бил исклучен, со што била спречена експлозија.
„Од Клиниката случајот e пријавен во полиција, а повредениот пациент кој го предизвикал пожарот нема животозагорзувачки повреди. Во пожарот нема други повредени, а во болничката соба оштетен е мал дел од подот“, се додава во соопштението.
Доколку не бил изгаснат системот, пожарот можел да се рашири преку кислородот низ металните цевки кои би се загреале и би предизвикале експлозија.
Експлозијата може да предизвика поголем пламен и зафаќање на предмети на клиниката кои може да изгорат потпомогнати од пуштениот кислород. Ваков епилог е избегнат поради гасење на системот којшто го оставил пожарот без кислород за одржување и ширење.