На Германија итно и требаат половина милион негуватели и детски воспитувачи

Сојузот на германските општини предупреди на драматичен недостиг на квалификуван персонал во болниците, како и во областа на грижата за стари и изнемоштени лица и за децата.

– Нашите пресметки покажуваат дека во наредните години ќе недостасуваат околу 230.000 воспитувачи во детските градинки и околу 300.000 негуватели, изјави директорот на организацијата Хелмут Деди.

Федералната влада треба да преземе конкретни чекори за да привлече повеќе квалификувани работници во социјалната сфера.

– Потребна ни е многу работна сила, која не можеме ниту да ја најдеме во Германија, ниту брзо да ја обучиме. Кога бејби-бум генерацијата (родени во периодот меѓу крајот на Втората светска војна и средината на 60-те години од минатиот век) ќе се пензионира, тогаш проблемот драматично ќе се продлабочи. Не само што овие луѓе треба да бидат заменети со помлад кадар, туку треба и да размислиме за фактот дека на многумина од нив ќе им биде потребна грижа, нагласи Деди.

Од 2026 година ќе стапи во сила законското право на целодневна грижа во основните училишта. Тогаш на околу еден милион деца ќе им треба дополнителна грижа.

– За ова недостасува квалификуван кадар, објаснува Деди.

Според него, Владата мора брзо да преземе конкретни чекори и да ангажира квалификувани работници од други држави на ЕУ и од трети земји, но и да поддржи обука за истите. За да го направи ова, Владата мора да ги елиминира пречките што им отежнуваат на имигрантите да почнат да работат во Германија. Образовните и професионалните квалификации, како и работното искуство, ќе треба да се признаат без постоечката бирократија.

– Важно е нашата социјална мрежа да остане безбедна и да не се отвораат празнини. Доколку нема воспитувачи, кои ќе се грижат за најмалите во текот на денот, градинките ќе останат затворени. А возрасните луѓе, на кои им е потребна грижа и се зависни од нивните семејства, ќе треба сами да се снајдат доколку нема кој да им пружи стручна поддршка. Ни треба помош од странство, истакна Деди.