Странските инвеститори се жалат на недостиг на стручна работна сила и неефикасна администрација

Најголеми ризици за развојот компаниите странски инвестиции во земјава е  недостигот на стручна работна сила, правната неизвесност и предвидливоста на економската политика, неефикасноста на јавната администрација, недоволна административна грижа и поддршка на оперативно ниво, како и неисполнување на дадените ветувања и договорните обврски од страна на државата. Ова го покажува анкетата  направена од Советот на странски инвеститори при Стопанската комора во која 75 отсто од испитаните изјавиле дека повторно би инвестирале во земјава

Анкетата која е спроведена во првата половина на месец ноември годинава вклучува одговори на 72 отсто од анкетираните производствени компании кои се лоцирани во и вон ТИРЗ во сите плански региони од државата, претежно компании од автомобилската индустрија коишто минатата година заедно имале 20.700 вкупен број на вработени. Анкетата ја презентираа Виктор Мизо, претседател и Боријан Борозанов, потпретседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство

Главни конкурентски локации на Македонија се Србија, Бугарија и Мароко.

Во однос на остварените резултати во тековната година, над половина од испитаниците или 54 отсто забележале пад на обемот на планираното производство и извозот помеѓу 10-35 отсто, како резултат на намалените нарачки од странство, недостатокот на суровини и репроматеријали и пречките во нормалното одвивање на транспортот. И покрај ваквиот пад на обемот на производство бројот на вработени останал релативно стабилен со пад од само 1,7 отсто.

На пазарот на трудот, компаниите најтешко доаѓаат до инженерски и технички кадар, а најлесно до административен кадар.Како причина  за недостатокот на работна сила се посочуваат: одливот на кадарот во странство, недоволното практично искуство и знаење и несоодветното стручно образование на потенцијалната работната сила на пазарот на труд и ниската мобилноста на работна сила за прифаќање на работа надвор од главниот град.

На прашањето за финансиската поддршка и државната помош која ја добиваат, вкупно 93 отсто од анкетираните компании сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од пандемијата, пред се наменети за одржување на бројот на вработените, субвенционирање на трошоците за електрична енергија, како и за намалување на увозните царински давачки за компоненти наменети за технолошко напредно производство-процес кој што е започнат и се очекува негова имплементација со законско решение во почетокот на 2022 година.

Умерени се и одговорите за очекувањата на компаниите за 2022 година. 39 отсто од испитаните компании очекуваат приближно исти приходи, раст на приходите од 10-30 отсто очекуваат 40 отсто од анкетираните компании, а намалување од 10-30 отсто прогнозираат 21 отсто анкетирани компании.