ВМРО-ДПМНЕ бара седница за пратенички прашања, ама Џафери не сака да слушне

ВМРО-ДПМНЕ и денеска бара да се одржи собраниска седница на која владата ќе одговара на пратенички прашања.

– Република Македонија со секој изминат ден станува сé повеќе држава со изразени автократски тенденции. На денот кога претседателот на Собранието Талат Џафери го одбива барањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за одржување на седница за пратенички прашања, Владата ги информира граѓаните дека ќе одржи седница. Ваквата ситуација подразбира дека Талат Џафери, надвор од секој закон и спротивно на здравиот разум, му го одзема правото на Собранието да ја врши уставно – утврдената контрола врз Владата со аргумент дека таа влада не функционирала, меѓутоа, истовремено, овој аргумент е силно демантиран од самата влада која информира дека денес ќе одржи седница на која ќе усвои одлуки кои ќе се однесуваат на сите граѓани – велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ  потсетува  дека власта на ДУИ и СДСМ во континуитет ја девалвираат уставно – утврдената позиција на Собранието.

Тоа почнва со прогласувањето на вонредната состојба во 2021 година, преку тоталитарниот однос со непочнувањето на Уставот и Деловникот во однос на седницата за гласање за доверба на владата, на 11 ноември 2021, а завршувајќи со последното недозволување да се одржи седница за пратенички прашања, на крајот од оваа година – велат од партијата.

Оттаму  му порачуваат на претседателот на Собранието Талат Џафери да прекине со  личната сервилност кон Зоран Заев, како што велат,  преку свесното рушење на уставно утврдените механизми за контрола на законодавната врз извршната власт, бидејќи забрзано ја носи ја државата кон автократски режим управуван од ДУИ и СДСМ.

– Го потсетува Талат Џафери дека сталинизмот и комунизмот во кои тој израснал и очигледно се инспирирал, се идеолошки концепти кои одамна се надминати и дека за овие незапаметени преседани на девалвирање на механизмите за контрола на Собранието врз Владата носи директна лична одговорност пред граѓаните, но особено пред Уставот и Законите – велат од ВМРО-ДПМНЕ.