Во Шведска обвинета жена за регрутирање на 12-годишниот син во ИД

Шведска државјанка е обвинета за воено злосторство поради учество во регрутирањето на нејзиниот 12-годишен син во силите на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава (ИД) во Сирија, каде што момченцето е убиено, објави обвинителството во вторникот.

Четириесет идеветгодишната жена, којашто се вратила од Сирија во 2020 година, е првото лице обвинето поради учество во регрутирање на сопственото дете.

Момченцето, родено 2001 година, се борело од 2013 година во разни џихадистички групации во Сирија, меѓу кои и за Исламската држава. Загинало во 2017 година. Властите, притоа, не ги објавуваат другите податоци за мајката и синот.

Обвинетата ги отфрлила наводите на обвинителството, изјавил нејзиниот адвокат Микаел Вестерлунд. Доколку биде осудена, минимално ќе добие четири години затвор, рекла за медиумите обвинителката Реена Девгун. Додала дека судењето започнува на 10-ти јануари.

Според одредбите на Обединетите нации, регрутирањето на деца помлади од 15 години е забрането според меѓународното хуманитарно право, додека таквата практика Меѓународниот кривичен суд ја третира како воено злосторство.