
Над 500-тини домови од Скопје Север и Топанско Поле, останаа без парно во сред зима. Претплатниците од овие места, велат редовно си ги плаќаат фактурите, а веќе два дена Топлификација Скопје Север не им испорачува греење.
Од компанијата посочија дека поради енормно високата цена на природниот гас, а од друга страна одлуката за зголемување на цената на топлинска енергија за само 14 проценти, се соочила со сериозни финансиски проблеми. За да се надминат велат дека треба да се вклучат сите надлежни за да може да се наплатат долговите од институциите, но и да се oбезбеди финансиска помош. Од Скопје Север АД се надеваат дека проблемот наскоро ќе се реши и жителите ќе добијат греење.
Од Општина Чаир потврдија дека имаат долг кон топланата, кој ќе го платат во понеделник, но дека тоа нема да го реши проблемот.
Мора да нагласиме дека од понеделник и да се плати целиот долг, парно ќе има до крајот на идната недела, бидејќи компанијата има проблем да обезбеди гас поради значителниот раст на цената, се вели во дописот од оптшината.
Од неодамна регулаторната комисија за енергетика даде предлог да се разгледа можноста снабдувачите Скопје Север АД и ЕСМ, Енергетика да соработуваат меѓусебно, за да се зголеми бројот на потрошувачи и да се оптимизира производството на топлинска енергија.
Досега неколку пати се случило граѓаните од овој крај на градот да останат без парно. Инаку на Топланата “Скопје Север” има најмалку приклучени домаќинства.
Од операторот со мрежата за парно-греење БЕГ, пак, велат дека системот работи во оптимизиран режим кој треба да ги одржува домовите на граѓаните со приклучоци за топловодна енергија до 20 степени во нивната внатрешност.
„Системот за централно греење е целосно во функција и се испорацува топлинска енергија до потрошувачите. Во услови на енергетска криза системот работи во оптимизиран резим се со цел внатрешната температуре во домовите да се одржува на 20 степени“, информираат од БЕГ.
Од таму додаваат доколку некои објекти се соочуваат со локален проблем, дека треба да пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Парното греење во македонскиот главен град од 1 јануари чини 14 проценти повеќе. Според Регулаторната комисија за енергетика главна причина за овој потег е драматичниот раст на цената на гасот на светските пазари.