Столтенберг вели дека НАТО е обединет зад изјавите на Бајден

REUTERS/Francois Lenoir

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го истакна единството на воениот сојуз во врска со наводната руска агресија врз Украина.

„Сите НАТО сојузници јасно неколкупати дадоа до знаење дека ќе реагираме ако Русија уште еднаш изведе агресивни акции против Украина. Подготвени сме да наметнеме санкции и, секако, размислуваме и за зголемување на распоредените војници на НАТО на источното крило на Алијансата. Истовремено ја повикавме Русија на низа состаноци за да седнеме и да се обидеме да изнајдеме политичко решение“, вели Столтенберг во изјавата којашто ја пренесе американската телевизиска мрежа CNN.

„САД пренесоа многу јасна порака заедно со сите членки на НАТО дека на ниеден начин нема да прифатиме натамошна употреба на воена сила против Украина. Исто така, САД ги предводат напорите за координација на сите НАТО сојузници во нашиот одговор на агресивните акции на Русија против Украина“, рекол Столтенберг.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно во четвртокот уверуваше дека бил „апсолутно јасен“ во разговорот со рускиот претседател Владимир Путин.

„Ако која и да е руска единица тргне преку украинската граница, тоа е инвазија…. Би била дочекана со остар и координиран одговор, економски одговор за што детално разговаравме со нашите сојузници, како што многу јасно му е изнесено на претседателот Путин“, рече Бајден за новинарите.

Во меѓувреме агенцијата Reuters во четвртокот вечерта, повикувајќи се на демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин, објави дека САД спроведуваат анализа за можните штети за Западот доколку Русија биде исклучена од меѓународниот меѓубанкарски систем SWIFT поради хипотетичката нејзина инвазија врз Украина.

„Сметам дека администрацијата сѐ уште разгледува колкава би била колатералната штета од исклучувањето на Русија од SWIFT од аспект на нејзиното влијание и врз САД и врз нашите сојузници“, рекла Шахин.

Претставник на Советот за национална безбедност на Белата куќа, коментирајќи ја изјавата на сенаторката, истакнал дека „оценувањето на потенцијалните несакани ефекти и изнаоѓањето начини за намалување на овие ефекти е рационало управување и стандардна практика“.

Шахин, исто така, истакнала дека една од очекуваните последици е прекинот на испораките на енергенси од Русија. Претходно високиот советник на американскиот Стејт департмент за енергетска безбеднсот Амос Хохштајн разговарал за прашањето со претставници на бројни енергетски компании, забележува Reuters.

На почетокот од седмицата германскиот дневен весник Handelsblatt, повикувајќи се на извор во владата во Берлин, пренесе дека САД и ЕУ повеќе не разгледуваат можност да ја исклучат Русија од SWIFT системот. Истовремено беше истакнато дека преговорите меѓу Брисел и Вашингтон сега се насочени кон развивање санкции против големите руски банки.