Во Министерството за труд се вработуваат советници со плата од 52.000 денари

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска само што стапи на функцијата веќе вработува двајца советници во нејзиниот кабинет, на кои ќе им исплаќа плата од 52.000 денари, пишува Плусинфо.

Огласот за нивно вработување е објавен во петокот и трае 3 работни дена.

Според огласот се вработуваат – посебен советник за прашања поврзани со политика за вработување, труд, безбедност и здравје при работа и пензиско и инвалидско осигурување и посебен советник за прашања поврзани со политики за социјална заштита на деца.

Од Министерството за труд и социјална политика за Плусинфо потврдија дека се вработуваат советници во кабинетот на министерката.

– Министерството за труд и социјална политика поради потреба од пополнување на посебни работни места, заради извршување на работни задачи на посебни советници во Кабинетот на Министерот за труд и социјална политика, на ден петок (21.01.2022) објави јавен оглас за вработување на 2 (два) посебни советници на определено време во Кабинет на министерот за труд и социјална политика. Рокот за доставување на пријавите со потребните документи изнесува 3 (три) работни дена од денот на објавување на огласот во дневниот печат – велат од Министерството.

Огласот предизвика низа на реакции во јавноста.