
Епидемиолошката состојба во Србија е сѐ позагрижувачка предизвикана од брзото ширење на омикрон варијантата на коронавирусот кој изминатите две седмици ги подигна показателите на новозаразен на дневно ниво на петцифрени бројки, а се зголемува и бројот на починати.
Во последните 24 часа се регистрирани 17.284 случаи на инфекција со коронавирусот од 34.778 тестирани примероци, а како последица на инфекцијата починале уште 42 лица. Во болниците има 3.397 пациенти, од кои 143 се на респиратор.
Состојбата со пандемијата е загрижувачка, а бројот на пациенти кои се позитивни на Covid-19 е со влијание од мутациите и побрзото ширење на вирусот, изминатите празници и од зимските одмори – оценува пнеумофизиологот од Градскиот институт за белодробни заболувања и туберкулоза во Белград, Катарина Мијатовиќ.
Предупредува дека лечењето со антибиотици на своја рака е појава која го отежнува лекувањето на ковид-позитивните пациенти, бидејќи со тоа може да се „маскира“ клиничката слика а некои симптоми може привремено да станат „невидливи“.
„Покрај тоа, вирусните инфекции не се лечат со антибиотици“, порачува д-р Мијатовиќ.
Училишниот тим од Кризниот штаб одлучи од понеделник 31-ви јануари, учениците од прво до четврто одделение во основните училишта да ја следат наставата со физичко присуство, додека учениците од петто до осмо одделение воспитнообразовната работа да ја следат по комбиниран модел и да одат на училиште ден по ден, поделени во две групи. И за средношколците одлучено е наставата да се одвива по комбиниран модел