Попов: СДСМ не знаат како да се однесуваат кога не можат на градски трошок да јадат по кафеани, затоа лажат за 109 нови вработувања во Град Скопје

СДСМ лажат дека во администрацијата на Град Скопје има 109 нови вработувања. Од СДСМ не знаат како да се однесуваат кога не можат на градски трошок да јадат по кафеани разни бифтеци и да пијат скапо виски, па со лаги сакаат да прикажат лажна реалност, изјави Сергеј Попов, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.

„Ниту 109 лица се ново вработени во Град Скопје, ниту лицата од СДСМ кои учествуваа во двојно зголемување на администрацијата на Градот Скопје имаат образ да ја коментираат“, истакна Попов.

Рече дека поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов во својот мандат ја дуплирал градската администрација и повеќе места за нови вработувања нема.

„Најавените 109 лица во програмата за вработување се за лицата кои веќе работат во администрацијата чии договори се продолжуваат, можност за времено пополнување за време на боледување или пак во случај на пензионирање“, рече Попов.

Оцени дека СДСМ изнесуваат невистини и врши притисок затоа што сака нивните кадри кои вршеле злоупотреби да ги задржат своите функции и работни места.

„Штом секој ден немаат друга тема за прес конференција и соопштенија освен Град Скопје и сакаат за два месеци мандат да наметнат впечаток за неуспех, очигледен е големиот очај од поразот. Незадоволството кај граѓаните од тоа што само 5 отсто од ветеното го реализирале за четири години, нема да го покрие ниту една нивна негативна кампања“, порача Попов.

Советникот до ВМРО-ДПМНЕ уверува деак во Град Скопје се работи одговорно и со план, за разлика од времето кога СДСМ управуваше со Градот, кога на сметка на народот се гоштевале функционери по кафеани, и се исплаќале за тендери двојно повисоки суми од потребното.