
Народна Банка информира дека забележана е појава на фалсификувани банкноти од 2.000 денари, за што е известено и Министерството за внатрешни работи за преземање активности во негова надлежност. Со цел да ги заштити граѓаните и правните лица, Народната банка укажува на начинот на кој може лесно да се провери дали станува збор за фалсификат.
Појавениот тип на фалсификат е изработен на обична (комерцијална), двослојна хартија којашто при допир значително се разликува во дебелината, цврстината и еластичноста во однос на оригиналната хартија на која се изработуваат банкнотите.
Покрај тоа, оригиналните банкноти содржат високософистицирани заштитни елементи според кои граѓаните можат да направат разлика и да ја препознаат нивната автентичност.