
Бугарскиот премиер Кирил Петков на Фејсбук страницата на Владата на Бугарија сподели текст за 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков вели дека Гоце Делчев е еден од симболите на борбата за слобода, идеолог на македонско-одринското револуционерно ослободително движење.
„Денеска ја славиме 150-годишнината од раѓањето на еден од најсветлите умови во нашата историја – бугарскиот револуционер Гоце Делчев. Тој е еден од симболите на борбата за слобода, идеолог на македонско-одринското револуционерно ослободително движење. Гоце Делчев е составен дел од нашата заедничка историја со луѓето од Северна Македонија. Тој е една од личностите кои ги прават горди и двата народа“, напиша Петков.
Инаку, како што јави МИА, вршителот на должност амбасадор на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крстевски, ќе положи венец на церемонијата на чествувањето на 150-годишнината од раѓањето на Делчев, заедно со претседателот на Бугарија Румен Радев и бугарскиот премиер Кирил Петков.