Ракитиќ промаши пенал за победа на Севилја

Во последниот натпревар од саботната програма од 23-то коло на шпанската Примера, Осасуна и Севилја во Памплона одиграа без голови, а во судиското продолжение од мечот Иван Ракитиќ не реализираше најстрога казна за победа на тимот од Андалузија.

По прегледувањето на снимката судијата Пизаро досуди удар од белата точка поради прекршок на Кунде. Капитенот на Севилја, Ракитиќ ја презема одговорноста но домашниот голман Серхио Херера го одбрани неговиот удар.

Севилја трет натпревар по ред во Примера ремизираше и ја продолжи серијата без првенствен пораз која трае од крајот на ноември и вкупно девет натпревари.

Севилја со 47 бодови е вторпласирана, три бода зад водечкиот Реал Мадрид кој има меч помалку. Осасуна е 12-та со 29 бодови.

Селта Виго како домаќин со 2:0 го порази Реал Ваљекано на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски. Двата погодока ги постигна Браис Мендез во 12 и во 80 минута.

Селта привремено е на 10-то место со 30 бодови, додека Рајо Ваљекано остана деветти со бод повеќе но и со натпревар помалку.

Мајорка на свој терен со 2:1 го совлада Кадиз доаѓајќи до петтата победа сезонава. Гостите поведоа во 8 минута со голот на Рубен Алкараз, а домашните израмнија во 20 минута преку пеналот што го реализираше Салва Севиља, а од белата точка за домашните успешен реализатор во 66 минута беше и Ведат Муричи.

Мајорка со победат остана на 17-то место но сега со пет бодови предност пред Кадиз кој е првата екипа во зоната на испаѓање, со тоа што Мајрока има и меч помалку.

Во првиот диел од саботната програма Елче со 3:1 го надигра гостинскиот Алавес. Иако гостите од Баскија поведоа во 18 минута со голот на Хозелу, домашните се разбудија во вториот дел и со пресврто дојдоа до победата. Пере Мила израмни во 48 минута, а веќе во 56 минута му донесе и водство на Елче. Конечните 3:1 ги постави Фидел Чавез во 86 минута.

Во недела играат Валенсија – Реал Сосиедад (во 14.00 часот), дербито меѓу Барселона и Атлетико Мадрид започнува во 16,15 часот, па следат Бетис – Вилјареал (18,30), Реал Мадрид – Гранада (21.00), а колото го затвораат Атлетик Билбао и Еспањол во понеделник во 21 часот.