Германија испраќа 350 војници во Литванија, а Британија исто толку во Полска

Германија во рамките на операциите на НАТО ќе испрати дополнителни 350 војници во Литванија, најави во понеделникот германската министерка за одбрана Кристине Ламберт, а британскиот министер за одбрана Бен Валас објави дека неговата земја ќе испрати дополнителни 350 војници во Полска, во екот на тензиите на Западот со Русија поради кризата околу Украина.

„Германија испраќа 350 дополнителни војници во борбената гурпа во Литванија“, изјави Ламбрехт, додавајќи дека Германија „така го зајакнува својот придонес на силите на источното крило на НАТО и на своите сојузници им испраќа јасен сигнал за својата решителност“ и им порача дека „можат да сметаат“ на Берлин.

Канцеларот Олаф Шолц во понеделникот пред своето прво патување во САД повтори дека Германија нема да испорачува оружје за Украина, но сигнализираше дека неговата влада е подготвена да испрати дополнителни трупи во балтичките земји. Германија ја води операцијата на НАТО во Литванија, каде што постојано се стационирани 500 германски војници.

Шолц во понеделникот престојува во Вашингтон каде што првпат ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден. Потоа во Берлин на 10-ти февраури, ќе се сретне во Берлин со литванскиот претседател Гитанас Науседа, како и со естонскиот и летонскиот премиер Каја Калас и Крисјанис Каринс. Следната седмица, пак, германскиот канцелар ќе патува во Русија и во Украина.

И британскиот министер за одбрана Бен Валас во понеделникот изјави дека Обединетото Кралство ќе испрати доплнителни 350 војници во Полска. Кон крајот на минатага година Лондон испрати 100 дополнителни војници на полско-белоруската граница поради мигрантската криза.

„Со испраќањето дополнителни 350 британски војници во Полска покажуваме дека можеме да работиме заедно и истовремено испраќаме силен сигнал дека Британија и Полска стојат рамо до рамо“, изјави Валас на прес-конференција.

НАТО распореди четири мултинационални борбени единици со вкупно 5.000 војници во Полска, Литванија, Латвија и Естонија по избувнувањето на воените дејствија во Украина во 2014 година. Ткн борбени групи на Алијансата, предводени од САД, Германија, Канада и Велика Британија, би требало да запрат хипотетички напад во регионот и да осигураат доволно време за пристигнување дополнителни сили на НАТО на боиштето.