
Македонија и Бугарија продолжуваат со активниот дијалог за т.н. пакет политички прашања и за интензивирање на соработката во областите дефинирани со работните групи согласно утврдената динамика што треба да го откочи евроинтеграцискиот пат на земјата.
Во конструктивна и отворена атмосфера поминала вчера во Софија четвртата рунда експертски разговори меѓу тимовите на министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, ангажирани во дијалогот по однос на отворените политички прашања.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на состанокот биле разгледани последните предлози испратени минатата година од нашата држава во одговор на предлозите на бугарската страна претставени на третиот круг експертски консултации кои се одржаа во септември лани во Скопје.
–Тимовите на министерствата за надворешни работи го потврдија ангажманот за поддршка на активен дијалог насочен кон изнаоѓање заемно прифатливи решенија за клучните теми од билатералната политичка агенда, наведоа од МНР и најавија дека следниот круг експертски разговори ќе се одржи во најскоро време во Скопје.
Вчерашната средба беше договорена од министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска за време на заедничката меѓувладина седница на двете држави што се одржа на 25-ти минатиот месец. Двајцата притоа се согласија дека во духот на напорите за создавање нова позитивна динамика, неопходно е интензивно продолжување на разговорите за т.н. пакет политички прашања.
Премиерот Димитар Ковачевски, вчера прашан за коментар на одредени изјави на членови на Заедничката историската комисија со Бугарија, како и за новиот пристап преку дијалог на новоформираните работни групи меѓу двете земји, порача дека треба да се остави политичарите да зборуваат за политичките прашања, а историчарите за историските прашања.
– Историчарите работат според методологија, претседаваат двајца претседатели. Политичките прашања се предмет на разговорот помеѓу министерствата за надворешни работи. Тие денеска имаат состанок во Софија и кога комисиите ќе имаат што да изјават тогаш тоа останува на нив заеднички да го направат. Во однос на историската комисија треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања, историчарите за историските прашања, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, пак, пред состанокот на експертско ниво меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји, во Софија, изјави дека Бугарија бара целосна примена на Договорот за добрососедство од 2017 година и почитување на правата на Бугарите.
Според Генчовска, Бугарија ќе продолжи да го поддржува, како што тврди, „легитимното барање Бугарите во Македонија да бидат вклучени еднакво со сите останати народи, во нејзиниот Устав”, јави дописникот на МИА од Софија.