Македонци заглавени во Киев молат за помош и евакуација, дипломатите си заминале

Македонец заглавен во украинската престолнина Киев, која е под опсада на руските сили, преку својот Fаcebook профил во саботата вечерта апелираше за помош за евакуација.

„Ние македонски државјани и уште едно македонско семејство сме заглавени во Киев, Украина, немаме транспорт, баравме помош од амасадата, но оставени сме до нив, тие си ја напуштија Украина без нас!

Да знаете сѐ уште сме во Киев. Бараме помоп за евакуација!“, пишува на профилот на Сашо Андонов.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во четвртокот информираше дека се следи состојбата во Украина и дека македонската амбасада е во контакт со македонските граѓани кои се наоѓаат во земјата, со цел да им се помогне да ја напуштат.

Се разбира, ја следиме состојбата и во поглед на нашите граѓани коишто се таму. Досега имавме неколку апели за да се искористат сите можности преку комерцијални летови да се вратат овде во Скопје. Дел од нив се вратија, дел не. Во комуникација сум со нашата Амбасада. Таму од утринава и денеска имаме неколку граѓани коишто бараат документи за да може да ја напуштат земјата, но ние веќе правиме планови и за евакуација на нашите дипломати, иако таа одлука се уште ја немаме донесено. Меѓутоа, сме во постојана координација со нашите партнери и со нашите луѓе на терен за да ги донесеме соодветните одлуки“, рече пред два дена шефот на дипломатијата за „Утрински брифинг“.  

Според него две семејства во четвртокот се обратиле во амбасадата во Киев коишто бараат одредени документи со цел да ја напуштат земјата. Османи потсети дека МНР веќе со недели апелира за тоа, со цел да не бидеме во ситуација денеска кога се блокирани и патиштата и начините за да им се излезе во пресрет. Тој порачува дека нашите дипломати се таму и ќе најдат начин да им се помогне се додека имаат можност, а потоа ќе донесеме евентуално и одлука за евакуација на нашите дипломати од Амбасадата.

„Ние имаме од поодамна резервни планови доколку аеродромот се затвори, доколку нема комерцијални летови и како би ги извадиле нашите луѓе ние и денеска за еден час ќе имаме седница на Влада на која што ќе донесеме одредени одлуки по однос на состојбата таму. Така што сега станува се потешко да им се излезе во пресрет. Тие што го искористија апелот и одговорија на апелот се вратија во Скопје, меѓутоа продолжуваме да бидеме во комуникација со нашите луѓе да им помогнеме да излезат од Украина“, рече Османи.