
Руската амбасада во Босна и Херцеговина на својот официјален профил на Facebook во неделата порача дека нема никаква инвазија врз Украина и ги обвини САД дека ја дестабилизираат БиХ и подготвуваат за неа сценарио слично на украинското а го обвини Вашингтон и дека се обидува „генетски да ги уништи Русите“.
Руската амбасада во Сараево вообичаено функционера со соопштенија на својата интернет-страница, но во неделата на профилот на Facebook со своето лого даде објава како одговор на објавата во саботата на Instagram профилот на амбасадата на САД. Во американската објава се цитирани руски функционери кои пред почетокот на операцијата во Украина тврдат дека напад нема да има и оти Запдот шири лажна пропаганда.
„Лажеа“ се заклучува во американската објава во кои се цитираат изјави на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, портпарокот на Кремљ, Дмитриј Песков и амбасадорот во Вашингтон, Анатолиј Антонов.
На оваа објава остро реагираа руските дипломати во Сараево кои негираат дека во тек е инвазија врз Украина.
„Какои и обично, лажат самите Американци. Бидејќи нема инвазија. Наместо тоа постои специјална воена операција поради демилитаризација и денацификација на украинскиот режим“, се наведува во руската објава цитирајќи ги зборовите на рускиот претседател Владимир Путин при објавата на офанзивата во Украина.
Истовремено се обвинуваат САД дека тие ја милитаризирале Украина „пумпајќи ги криминалните банди со оружје“.
Руската амбасада додава и дека САД ја „преплавиле Украина со биолаборатории, кои многу веројатно се користени за проучување методи за уништување на рукиот народ на генетско ниво“.
Руската амбасада во БиХ во своите објави индиректно сугерира и дека САД всушност подготвуваат за БиХ сценарио слично на украинското и дека всушност ја поткопуваат Европската унија како стратешки ривал.
„Токму Вашингтон е тој кој го попречува дијалогот во БиХ, ги поставува конститутивните народи едни против други и се противи на укинувањето на анахрониот надворешен протекторат кој го претставува Бирото на високиот претставник. Истовремено тој таквата БиХ ‘внимателно’ ја турка во ЕУ за, како и Косово, да ги искористи како фитил протиов својот геополитички противник односно ЕУ. Тоа е вистината, иако во светлото на моменталната имагинарна солидарност меѓу Америка и Европа ‘по украинскиот случај’, таквата изјава може да изгледа претерано. Но ќе дојде моментот на вистината“, се наведува во објавата на руската амбасада во Сараево.
„САД не се ‘докажан пријател’, туку искусен предатор, којшто, инаку, без двоумење ќе го препушти својот сојузник на судбината, доколку му биде стапнето на опашот“, се додава во објавата.