
Данска ќе им дозволи на своите државјани да се приклучат на меѓународните воени сили што Киев планира да ги формира за да и помогне на сопствената војска во конфликтот со Русија.
„Тоа е избор што секој може да го направи. Ова важи за сите Украинци кои живеат овде, но и за другите кои мислат дека можат директно да придонесат за конфликтот“, рече премиерката Мете Фредериксен на прес-конференција во неделата.
„Нема ништо на прв поглед што легално би спречило некого да оди во Украина за да учествува во конфликтот, од украинската страна“, додаде Фредериксен.
Претходно, премиерката учествуваше на масовниот протест против операцијата на Москва пред руската амбасада во Копенхаген.
Тоа доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го објави создавањето на Украинската меѓународна легија за територијална одбрана, која ќе им овозможи на странците да се приклучат на нејзините редови и да се борат заедно со украинската војска против руските и силите на Донбас.
Данската премиерка не е првата што ја поддржува идејата. Претходно во неделата, британската министерка за надворешни работи Лиз Трус, исто така, рече дека „апсолутно“ ќе ги поддржи Британците кои сакаат да се приклучат на воената акција на страната на Украина.
„Јас го поддржувам тоа. Се разбира, тоа е нешто за што луѓето можат сами да одлучуваат“, рече таа во емисијата „Сандеј наутро“ на Би-Би-Си, додавајќи дека Украина се бори за „слобода и демократија“ за „цела Европа“.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба потоа најави дека доброволците треба да контактираат со украинските дипломатски претставништва во нивните земји.