
Британските пристанишни работници во саботата одбија да истоварат руска нафта од танкер и ја повикаа владата во Лондон да се реши пропустот во системот на санкциите, со кои на бродовите кои пловат под странско знаме им се возоможува испорачување енергенси од Русија.
Танкерот „Seacod“ моментално е вкотвен во близина на рафинеријата Стенлоу во северозападна Англија, а како тврди синдикатот Unite, прашањето на неговиот товар, односно нафтата, „не е покриено“ со донесените санкции кои се однесуваат на руските бродови, бидејќи плови под знамето на Германија.
Според новиот круг на британските санкции воведени по почетокот на руската воена операција во Украина, на сите пловила во руска сопственост, бродови кои се под руска контрола или со нив управува ентитет од Русија, бродови регистрирани во Русија, како и на оние кои пловат под руско знаме, им се забранува впловување во британските пристаништа.
„Поради судирите кои се во тек во Украина, ниеден работник на Unite на локацијата Стенлоу нема да истоварува руска нафта, без оглед на знамето под кое плови бродот. Unite го повикува министерот за сообраќај Грант Шапс веднаш да го исправи овој пропуст“, изјави генералната секретарка на синдикатот, Шерон Греам.
Пристанишните работници во петокот одбија да истоварат нафта од два танкера кои пловат под кипарско знаме, а превезуваат руски гас – „Борис Вилкитскиј“ и „Федор Литке“. Танкерите впловиле во пристаништетот на островот Грејн во англиската грофовија Кент, објави синдикатот Unison, еден од најголемите во Велика Британија.
„Иако се чини дека нашата реакција беше успешна и дека ги одбивме странските пловила кои превезуваат руска нафта, тоа останува основен преблем. Владата мора веднаш да дејствува за да го исправи пропустот со кој не се решава проблемот на потеклото на бродскиот товар и кој не ѝ оневозможува на руската стока и натаму да пристигнува во Обединетото Кралство, имајќи предвид дека бродот плови под знаме на друга земја“, изјави во соопштение Мет Лејх, главен менаџер за енергетија во синдикатот Unison.
Велика Британија, инаку, е многу помалку зависна од руските енергенси отколку што се другите европски земји.