Киев со нов план за цивилна евакуација

Украина соопшти дека во вторникот била поставена безбедна рута за жителите на источниот град Суми, во близина на руската граница.

Вицепремиерката Ирина Верешчук рече дека рутата за евакуација од Суми до украинскиот град Полтава е договорена со руската војска. Таа наведе писмо испратено од руското Министерство за одбрана до Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Првата партија цивили треба да почне да се движи во 10 часот по локално време, рече Верешчук.

Вицепремиерката, сепак, ја обвини Русија дека планира да се меша во процесот со „присилување“ на луѓето да тргнат по поинаков и „небезбеден“ пат.

„Ја повикуваме руската страна да се воздржи од манипулации и да се придржува до ветувањето одразено во документот.

Генерал-мајор Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана, изјави дека Москва ќе го задржи прекинот на огнот за рутите за евакуација од Киев, Чернихив, Харков, Суми и Мариупол.

Во понеделникот, Москва предложи воспоставување рути за евакуација од Киев, Харков, Суми и Мариупол. Украина го отфрли планот, велејќи дека е „апсурдно и цинично“ да се евакуираат украински цивили во Русија, како што предложи Москва.

Два обиди да се воспостави безбеден премин од Мариупол во текот на викендот, исто така, не успеаја, при што двете страни се обвинуваат меѓусебно. Пристанишниот град на брегот на Азовското Море е опкружен со силите на Доњецката Народна Република, поддржани од руските трупи.

Украина ја обвини Русија за гранатирање на градот, додека Москва тврди дека украинските „националисти“ го користат локалното население како „жив штит“, спречувајќи ги да си заминат.