Експертите проценуваат можен раст на цената на нафтата до 240 долари

Цената на нафтата би можела да достигне и до 240 американски долари за барел во најлошото сценарио по проширувањето на западните санкции против Русија поради нејзината офанзива во Украина, кое вклучува и масовна и целосна забрана на увоз на руската нафта, прогнозираат во средата од консултантската куќа „Rystad Energy“.

„Доколку повеќе западни земји им се придружат на САД во наметнувањето на нафтеното ембарго врз Русија, тоа ќе создаде дупла од 4,3 милиони барели дневно на глобалниот пазар што едноставно не може брзо да се замени од други извори на испораките“, се наведува во документот на споменатата консултантска куќа со седиште во Осло.

Во тој случај, според оцените на аналитичарите, ќе бидат потребни мерки за одговор за зголемување на понудата и балансирање на пазарот, за што може да бидат потребни неколку месеци за да се имплементираат.

„Доколку извозот на руската нафта во обем од 4,3 милиони барели биде запрен на Западот до април 2022-ра, а Кина и Индија не го променат обемот на увозот, тогаш цебата на марката Brent ќе скокне на 240 долари за барел до летото годинава“, истакнуваат од „Rystad Energy“.

Притоа предупредуваат дека тоа би можело да предизвика најголем недостиг во залихите на нафтата по Заливската војна во 1990-те години, која цената на барелот се удвои. При такво сценарио експертите не исклучуваат дека се „големи шансите глобалната економија да влезе во рецесија уште во четвртиот квартал на 2022 година“.

Цената на суровата нафта на северноморската марка Brent во претпладневното тргување во средата надмина 130 долари за барел. Остриот раст на цената на нафтата е поттикнат од влошувањето на геополитичката ситуација во светот. По објавување на почетокот на руската воена офанзива во Украина кон крајот на февруари нафтата надмина 100 долари за барел и оттогаш секојдневно бележи раст.

Претходно во вторникот челникот на најголемото јапонско деловно лоби предупреди дека Јапона нема да може во кус рок да најде замена за руската нафта. Русија е петтиот според обемот јапонски снабдувач со сирова нафта и течен природен гас (LNG).

Тензиите на меѓународните нафтени пазари ги зголеми и неизвесниот исход од разговорите за заживувањето на договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година кои во недела запнаа по руските барања за гаранции од САД дека санјмциите нема да ѝ наштетат на руската трговија со Иран. И Кина, исто така, постави нови барања, според изводи од преговорите во Виена.

„Иран беше единственито фактор кој го зауздуваше натамошниот раст на цените на нафтата на пазарот, но доколку договорот за иранската нуклеарна програма биде одложен, резервоарите би можело да се испразнат многу побрзо, особено доколку руските барале на подолг период останат надвор од пазарот“, коментира Амрита Сен од „ Energy Aspects“

Висок ирански безбедносен функционер во понеделникот рече дека шансите за успешно завршување на нуклеараните преговори „и натаму се нејасни“. Од иранскот министерство за надворешни работи, пак, порачаа дека договорот може брзо да биде постигнат доколку Вашингтон ги прифати ставовите на Техеран.

Но на Иран ќе му бидат потребни неколку месеци да ја врати својата нафта на меѓународните пазари, дури и доколку договорот набрзо биде постигнат, истакнуваат аналитичарите.

Пред наметнувањето на ембаргото на увозот на руската нафта, американските функционери одвоено разговараа со колегите од Венецуела за можноста за ублажување на нафтените санкции за оваа земја, но во првите билатерални договори на високо ниво по повеќе години постигнат е само слаб напредок. Вашингтон со тие преговори се обидува да ја одвои Русија од клучниот сојузник и на нафтениот пазар и на западната хемисфера што се смета за „двор“ на САД.

Покрај тоа, пропаднале и обидите на САД да ги убедат своите сојузници во Персискиот залив да го зголемат производството на нафта за да се заузда растот на цените поради одлуката на Вашингтон во врска со руската нафта. Минатиот месец Саудиска Арабија го отфрли повикот на САД за зголемување на производството на нафта поради тензиите меѓу НАТО и Русија и зголемените цени на нафтата.