
СДСМ и ДУИ како Влада знаеле уште пред 4 месеци дека ќе има ваква криза која произлегува како резултат на други дејствија кои што се случуваат во светот, одлучиле воопшто да не се интересираат како да придонесат и да им помогнат на граѓаните, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
– Владата потрошила над 2 милиони евра само на луксуз изминативе неколку месеци откако знаела дека ќе има криза. Кога велам луксуз мислам на вистински луксуз. Непродуктивни трошења, наместо антикризни мерки. Луксуз наместо штедливост. Па така, од пред Нова година па наваму, само за хотелски услуги Владата потрошила скоро 200.000 евра – рече тој.
Арсовски додаде дека Собранието за мобилна телефонија и услуги изминативе месеци склучило договор за приближно 200.000 евра.
– Замислете, во ек на ваква криза, Службата за општи заеднички работи (СОЗР) троши дури 50.000 евра за режано цвеќе. Никој не ни знае како и каде завршило тоа цвеќе. Потоа потрошиле за прибор за јадење приближно 40.000 евра – рече тој и додаде дека врвот е достигнат со набавката за кафе.
– Три милиони денари или 50.000 евра се одвоени за набавка на кафе преку СОЗР само за потреби на оваа Влада. Па замислете во 3 милиони денари, во груба пресметка бидејќи тоа одело на тендер, има набавка за околу 400.000 кафиња. 400.000 дози кафиња набавила оваа Влада. Секој работен ден во една година во Владата треба да се пијат над 1.700 кафиња дневно. И сега јасно ви е зошто оваа Влада ништо не реализира и ништо не работи? Со ваква набавка на кафиња каде што по 1.700 кафиња на ден треба да пијат, веќе е јасно зошто сме тука каде што сме. Наместо да работат, цел ден пијат кафиња – рече Арсовски и најави дека ова се само дел од расипничките трошења, а во наредните денови тие ќе им откријат на граѓаните и други вакви трошоци.