
Дрон без ознаки денеска пронашол фармер во северна Романија, недалеку од границата со Украина. Официјалните претставници на земјата-членка на НАТО сега го истражуваат инцидентот, кој уследи откако беспилотно летало падна во центарот на Загреб.
Леталото паднало во поле во округот Бистрита-Насауд во Трансилванија, објавија локалните медиуми.
„Досега, потеклото на леталото не е утврдено, како и неговиот сопственик “, АП ги цитираше обвинителите во блискиот град Клуж.
Беспилотното летало од некои медиуми е идентификувано како Орлан-10, беспилотно летало (UAV) од руско производство. Ваквиот дрон се користи за собирање разузнавачки информации, електронско војување и прецизирање на цели за артилериски и авионски напади.
Бистрита-Насауд се наоѓа на јужната страна на Карпатите, на околу 100 километри од границата на Романија со западна Украина и не е во близина на борбената зона.
Не е јасно од каде потекнува дронот, ниту како ја избегнал противвоздушната одбрана на Романија, клучна членка на НАТО во југоисточна Европа.
Ова е вторпат за помалку од една недела откако беспилотно летало се проби низ воздушниот простор на НАТО. Минатиот четврток, старо беспилотно летало прелета од правец на Украина над Романија и Унгарија, пред да се урне во хрватскиот главен град Загреб.
НАТО соопшти дека го следел Ту-141 со часови, но не направил обид да го собори. Говорејќи во понеделникот, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ рече дека неговата влада е „цврст и лојален“ сојузник на НАТО, но на крајот треба да се потпре на сопствената противвоздушна одбрана.
Хрватскиот министер за одбрана Марио Баножиќ во неделата изјави дека Ту-141 содржел „делови од бомби“ и траги од експлозив, што укажува дека не бил извиднички авион.