
Атлетико Мадрид победи на тешкото гостување на „Олд Трафорд“ и го доби двомечот против Манчестер Јунајтед со вкупни 1-2 (0-1 на денешниот меч) во осминафиналето од Лигата на шампионите. Една перфектна акција на гостинскиот тим беше одлучувачка на оваа средба и причина за ново разочарување на фановите на премиерлигашот оваа сезона.
Актерите на теренот беа расположени за игра во првото полувреме. Имаше неколку шанси пред двата гола, а на крај една искористи тимот на Диего Симеоне. Шпанскиот претставник поведе со голот на Лоди во завршницата, што донесе молк на трибините. Бекот се најде на подалечната статива и со глава успеа да го совлада Давид Де Хеа.
Претходно за „црвените ѓаволи“ се заканија Далот и Еланга. Зицер позиција имаше младиот офанзивец, но ја погоди главата на Јан Облак и не успеа да донесе рана предност за својата екипа. Госите не беа инфериорни и можеа да погодат преку Де Пол, кој од далечина го тестираше домашниот голман. Потоа Жоао Феликс постигна погодок, по една одлична акција на Атлетико, но судијата оправдано го поништи, поради офсајд на Маркос Љоренте.
Очеувано мадриѓани во продолжението се фокусираа на одбраната. Јунајтед кружеше околу шеснаесетникот на противникот и по еден центаршут имаше шанса да израмни. Но, Џејдон Санчо шутираше силно и далеку од посакуваната цел. Атлетико чекаше шанса преку контра нападите, а по еден таков Феликс беше блиску до голот на Де Хеа, но за малку не реагираше на додавањето на Лоди.
Цврстината на препознатливата одбрана на Симеоне беше пречка за која домашниот тим немаше решение до крајот на натпреварот. И покрај притисокот и убавата атмосфера на трибините, Јунајтед остана пократок за барем еден погодок. Шанса да бидат дел од реваншот добија Погба, Рашфорд и Кавани, но и тие не беа доволни за да се пробие бедемот пред Облак. Последниот сериозен обид го имаше Рафаел Варан, кој со глава биеше по средината од гостинскиот гол.
Пред Атлетико, во четвртфиналето се пласираа уште Реал Мадрид, Манчестер Сити, Баерн Минхен и Ливерпул.
Гол.мк