Нападите во Украина не запираат, а денеска е 21 ден од војната. Утринава повторно се огласија сирените, а експлозии одекнаа во Одеса и Запорожје
Дописникот на „Економист“, Оливер Карол истакна дека во Одеса се слушнале силни звуци кои би можеле да бидат од противвоздушна одбрана.
Сектетарот на градскиот совет на Запорожје, Анатолиј Куртев информира дека експлозија ја погодила железничката станица. Засега нема информации за жртви во ова подрачје.
Окупирана е и болница во Мариупол. Павло Кириленко истакнува дека според информациите кои ги добил од вработен во болницата, таа не може да се напушти бидејќи руските сили постојано пукале.
-Седиме во подрумот. Автомобилите веќе два дена не можат да стигнат до болницата. Високи згради околу нас горат. Русите заробија околу 400 луѓе од соседните згради во нашата болница. Не можеме да заминеме, ја пренел пораката Кириленко од вработените во болницата.
Украина истакна дека досега Русија изгубила околу 40 проценти од силите пратени во земјата.
НАТО денеска на своите воени команданти ќе им даде задача да изработат нови планови за заштита од Русија. Сенатот на САД едногласно ја усвои резолуцијата со која рускиот претседател Владимир Путин се осудува како воен злосторник.Преговорите меѓу Русија и Украина продолжуваат и денеска.